Wassim Samih Seifeddine, Çağrı Koşak, Hamdi Yıldız
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
МЕРЏАЈУН (АА) - Сириецот Халид ел-Хусеин (23), кој живее во кампот Мереџ ел-Хух во областа Мерџајун во Јужен Либан, со вештината за поправка на електрични уреди, со која се здобил со сопствен труд, речиси им пркоси на попреченоста, раселувањето и стравот од војната, пишува Анадолу.
Халид, кој доаѓа од провинцијата Идлиб во Северозападна Сирија, поради парализа немал можност да оди во училиште и да научи да чита и пишува. Сепак, преку практична работа стекнал искуство во поправката и отстранувањето дефекти на електричните апарати за домаќинството.
Халид, кој живее под товарот на раселувањето, физичката попреченост и стравот, се обидува тоа што го научил со сопствен труд да го претвори во средство што му овозможува да има самодоверба дури и во наједноставните детали од секојдневниот живот.
Посочувајќи дека во кампот во услови на војна и бегалски живот, едноставните алати и електричните кабли за него претставуваат нешто повеќе од средство за поправка на уреди, Халид истакнува дека и покрај парализата, стравот и ограничените можности, сè уште може да учи и да работи, а дека и себеси си докажал дека со своите раце може да создаде нешто.
Халид вели дека пред 12 години дошле во Либан, престојувале на различни места, а веќе околу 10 години живеат во кампот Мереџ ел-Хух, во близина на границата во Јужен Либан.
- Поради израелските напади останал без инвалидска количка -
Нагласувајќи дека нападите што Израел ги започнал врз Либан по 2 март дополнително ги зголемиле тешкотиите во неговиот живот, Халид рече дека во период кога движењето му станувало сè потешко поради попреченоста, бил принуден со семејството да го напушти кампот за да избегаат од воздушните напади.
Халид раскажува дека инвалидската количка му се скршила додека неговото семејство го носело и го ставало во возило при бегството од израелскиот напад и дека потоа морале со часови да спијат во возилото, а бидејќи бомбардирањето продолжувало преминале во друг регион. „Семејството ме носеше, ме стави во автомобилот и избегавме“, вели тој.
Халид, наведувајќи дека страда од анемија и дека му се влошила здравствена состојба, рече: „Повеќе не можам нормално да спијам. Понекогаш стравот ме расплакува и ме тера со часови да не јадам. Особено ноќе, поради звуците на беспилотните летала и воздушните напади, стравот не ме напушта.“
Сеќавајќи се на она што го доживеал за време на војната, Халид вели дека звуците на авионите и оружјето кај него предизвикуваат паника и дека гранатите што паѓале во близина на кампот го терале да стравува за животот.
„Понекогаш стравот достигнуваше ниво на кое се разболував и ми се зголемуваше температурата. Најтешкото со кое се соочувам е чувството на беспомошност поради тоа што во момент на опасност не можам сам да се движам“, истакна Халид.
И покрај тоа, тој продолжува да ги поправа уредите и се надева дека ќе добие електрична инвалидска количка што ќе му ги олесни проблемите со превозот.
Халид, кој сака да има и можност за учење, вели: „Многу би сакал да одам во училиште или да најдам некој што ќе ми помогне да ги развијам моите вештини.“
- Талент роден од болката -
Иако не одел во училиште и не знае да чита и пишува, Халид раскажува дека поправката на електричните уреди ја гледа како начин да учи, да работи и барем делумно да ги надмине последиците од попреченоста.
Халид вели дека започнал со поправање на едноставни дефекти на предметите на жителите на кампот, како електрични приклучоци, уреди за ладење и осветлување.
Халид, кој не наплатува фиксен износ за поправките што ги врши, понекогаш само бара од сопственикот на уредот да му ја обезбеди оштетената компонента, по што ја монтира.
Нагласувајќи дека основна цел му е да учи и да им помага на луѓето околу него, како и дека поправањето уреди му дава чувство дека може да направи нешто и покрај попреченоста, Халид вели: „Не дозволувам да останам заробен во мојата попреченост. Поправањето уреди ми овозможува накратко да ги заборавам болките и да се занимавам со работите што ги сакам.“
- Поддршка од сестрата -
Болката на семејството не се ограничува само на Халид. Неговата 35-годишна сестра Лин, исто така, останала парализирана од половината надолу по сообраќајната несреќа во провинцијата Бека во Источен Либан.
И покрај својата состојба, Лин презема дел од одговорноста за егзистенцијата на семејството и придонесува во домашниот буџет работејќи во расадник.
Раскажувајќи дека од детството се грижела за братот, дека го носела пред да добие инвалидска количка и му помагала во секојдневниот живот, Лин истакна дека брат ѝ брзо учи и се обидува да научи самостојно да се грижи за себе.
Според податоците на либанските власти, во земјата има околу 1,5 милиони сириски бегалци. Од нив, околу 880.000 се регистрирани во Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР). Либанската Влада во јуни 2025 година започна програма за доброволно враќање на бегалците.