Dilara Hamit
07 Август 2026•Ажурирано: 07 Август 2026
Деведесет и седумгодишната Британка Елизабет „Бети“ Бромиџ повторно го собори сопствениот Гинисов рекорд и стана највозрасната жена во светот што изведе „винг вок“ („wing walk“) – акробатски лет при кој лицето е прицврстено на надворешната страна на авион, јавува Анадолу.
Според „Гинисовата книга на рекорди“, Бромиџ го остварила рекордниот лет на 4 август во Сиренсестер, во англиската грофовија Глостершир.
За предизвикот таа била прицврстена на надворешноста на двокрилен авион, а ова било нејзин шести акробатски лет, откако првпат се осмелила на ваков подвиг на 87-годишна возраст.
Првиот Гинисов рекорд го поставила во август 2022 година, кога имала 93 години. Тогаш авионот извел лупунг и акробатско превртување над аеродромот Рендкомб во Глостершир.
Бромиџ го реализирала најновиот лет за да собере средства за Одделението за мозочни удари при Општата болница во Челтенам, каде што се лекувала по мозочен удар што го доживеала во 2025 година.
Таа започнала обука за медицинска сестра во истата болница во 1949 година, а најголемиот дел од својата кариера го поминала како главна сестра на Одделот за итна медицинска помош.
„Третманот и грижата што ги добив во Челтенам беа првокласни“, напиша Бромиџ на својата страница за собирање донации.
Таа истакна дека сакала подвигот да го посвети на болничкиот персонал и да собере средства за одделението што се грижело за неа.
Добротворната организација на болниците во Челтенам и Глостер потврди дека Бромиџ го соборила сопствениот рекорд и ѝ се заблагодари за поддршката на Одделението за мозочни удари.
„Донациите навистина прават разлика, а благодарение на неа пациентите ќе имаат корист уште многу години“, соопшти организацијата.
Сите шест акробатски летови на Бромиџ биле реализирани со цел собирање средства за хуманитарни цели.