Melike Pala
07 Август 2026•Ажурирано: 07 Август 2026
БРИСЕЛ (АА) - Белгија ќе распореди околу 30 воени лица на самоуправната данска територија Гренланд на почетокот на септември, како дел од новоформираната мисија на НАТО „Арктик сентри“, потврди денес белгискиот министер за одбрана Тео Франкен за телевизијата ВТМ (VTM).
Во контингентот ќе бидат вклучени припадници на Првата бригада со седиште во Леополдсбург, како и членови на белгиските специјални сили.
Целта на мисијата е да се зајакне присуството на НАТО во Арктичкиот Регион, вклучително и околу Гренланд, Исланд и Арктичкиот Океан, поради, како што наведува Алијансата, зголемениот стратегиски интерес на Русија и Кина.
Белгиските сили ќе спроведуваат активности за одвраќање и обука, меѓу кои управување со беспилотни летала и тестирање системи за борба против дронови.
Според белгиските власти, пространата територија на Гренланд нуди соодветни услови за изведување вакви вежби.
Белгија ќе ја предводи операцијата заедно со Канада, Данска, Франција, Финска, Холандија, Словенија и Шведска.
Според ВТМ, Алијансата со ова сакала да испрати „јасна порака“ до американскиот претседател Доналд Трамп дека е „способна да ја обезбеди заштитата на Арктикот и на самиот стратегиски остров“.
Одлуката следува по новите тензии околу Гренланд, откако Трамп неодамна повторно ја изрази желбата САД да го преземат островот, оценувајќи дека американската контрола врз Гренланд претставува историска и стратегиска неопходност.
Данската премиерка Мете Фредериксен ги отфрли изјавите на Трамп, повторувајќи дека Гренланд „не е на продажба“ и дека единствено народот на Гренланд може да одлучува за иднината на островот.