Burak Bir
31 Август 2026•Ажурирано: 31 Август 2026
Шкотската Партија на зелените го повика шефот на Владата на Шкотска целосно да ги спроведе мерките за бојкот и санкции против Израел во претстојната Програма за владеење, објавија медиумите денес, пренесува Анадолу.
„Програмата за владеење мора да биде моментот што ќе донесе промена. Потребни ни се јасни заложби и план за ставање крај на соучесништвото на Шкотска во системското малтретирање на Палестинците“, беше цитиран шкотскиот пратеник од Партијата на зелените, Патрик Харви, од шкотскиот дневен весник „Национал“.
Повикот следува откако Партијата на зелените повеќепати го повика првиот министер Џон Свини да ги прекине договорите со компаниите кои високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, ги идентификуваше како компании вклучени во активностите поврзани со израелските населби на окупираниот Западен Брег.
Партијата на зелените, исто така, бара локалните власти да добијат поголеми овластувања за поддршка на палестинското движење за бојкот, повлекување инвестиции и санкции (БДС), преку укинување на британскиот закон од времето на Маргарет Тачер, кој спречува одлуките за јавните набавки да се засноваат на географското потекло.
Харви рече дека шкотската Влада не успеала своите зборови да ги претвори во дела, тврдејќи дека во повеќето аспекти направила само минимум и обезбедила „малку докази за значајна промена“ по ова прашање.
„Ако компанија профитира од апартхејд и геноцид, шкотската Влада мора да ги искористи сите овластувања што ги има за да се осигури дека таа компанија нема да профитира и од јавните средства овде во Шкотска“, рече тој.
Потсетувајќи дека министрите издале насоки за шкотските компании по почетокот на војната на Русија во Украина, Харви рече дека Владата јасно ставила до знаење дека приватниот сектор има одговорност да реагира.
„Шкотската Влада веќе покажа дека може да дејствува кога ќе одлучи да го стори тоа… Палестинците го заслужуваат тоа и ништо помалку“, рече тој.
„Не можеме да имаме бојкот само по име. Парламентот не гласаше за празни гестови. Една година подоцна, шкотската Влада треба да дејствува“, додаде Харви.
Во меѓувреме, портпаролот на шкотската Влада рече: „Како една од првите Влади што повикаа на прекин на огнот, шкотската Влада беше јасен и доследен застапник за мир, правда и човекови права во Газа.“
Портпаролот додаде дека Владата ги презела „најдиректните и најефикасните мерки“ достапни во рамки на нејзините овластувања за да изврши притисок за итно и трајно решение и ставање крај на страдањето на палестинскиот народ.